Италијанската Ривиера секако не е куса од нерамни брегови, романтични гратчиња и селца, но 5те рибарски селца т.н. Cinque Terre се бездруго нејзинoто најисконско богатство. Овие 5 селца или во превод Петте Земји, повеќе не се изолирани од останатиот дел на светот како што некогаш биле, но сè уште преовладува она чувството на своевидна оддалеченост од модерниот свет во кој што сите ние живееме, тука како да сме во некој друг свет и во некое друго време. Селцата се карактеризираат со неколку локални патчиња, одлично зачувана средновековна архитектура и мрежа од восхитувачки брегови покрај морето преплетени со неверојатна природа.

Поставени на едно од најдраматичните крајбрежни сценарија на планетата земја, овие 5 рибарски селца се вистински рај и предизвикуваат задоволство кај секој турист. Тие се поставени на нерамната и стрмна Лигурската обала на Италија, западно од градот Ла Специја и од 1997 год. заради своето неспоредливо културно и историско значење се дел од светското културно наследство на УНЕСКО. Луѓето тука, низ вековите внимателно изградиле еден свој свет налик ниеден друг во светот. Локалното население воглавно се занимава со одгледување на винови лози, маслинки, цитрусни овошки и секако, туризам. Денес 5те селца се прогласени и за Национален Парк, како и заштитена Поморска Област, сè со цел да се заштити огромното културно наследство и природното опкружување тука.

Петте малечки селца, оригинално се наречени: Manarola, Riomaggiore, Corniglia, Vernazza и Monterosso al Mare.

Монтеросо (Monterosso) е античко селце поставено на врвот на еден рид, нудејќи неверојатна панорама на сите оние кои го ќе го посетат. Главните атракции се Стариот Замок, Црквата Сан Џовани Батиста и Манастирот деи Капучини. Модерниот град е поставен на чекор до ридот Фениџиа и може да се пофали со нерамни прекрасни плажи, плантажи со лимонови дрвца и неверојатна природа.

 

Риомаџоре (Riomaggiore) е најголемото селце од Чинкве Тере, тоа е најблиску поставеното до Ла Специја и се однесува како неофицијален главен град на Чинкве Тере. Тоа е и стартното место на познатата пешачка рута, издлабена во карпа во раниот 20ти век која води сè до Манарола, каде што пак се наоѓа познатата Улица на Љубовта или Via dell’Amore. Пастелните бои на селцето се чини се најубави на зајдисонце, под услов да гледате од морето кон брегот, што го прави секако едно од најромантичните места на Чинкве Тере. На ‘ртот се наоѓа ботаничка градина и центар за набљудување на птици.

 

Вернаца (Vernazza) се карактеризира со сликовито мало пристаниште, сведок на нејзинатo поморскo минато, некогаш единственото безбедно место за укотвување на Чинкве Тере. Стариот град има неколку одбрамбени структури, елегантна архитектура, декоративни врати и детално обработени колонади поставени помеѓу тесните улички кои водат до главниот плоштад, во близина на малото пристаниште.

 

Манарола (Manarola) е поставена на врвот на една карпа која се чини како да паѓа во морето. Од лозниците кои ја опкружуваат Манарола се произведува познатото вино од Чинкве Тере, Шакетрa’ (Sciacchetrà). Енергетичната главна улица и променадата покрај морето сè уште се поврзуваат со рибарски бротчиња. Таа е се карактеризира со груба, остра околина, која денес умешно е пополнетa со благородна почва, куќи, лозници и овоштарници. Туристите може да уживаат во заносните пејсажи од Пунта Бонфиљо или пак од дворот на црквата Сантуарио ди Ностра Сињорија.

 

Корниља (Corniglia) е лоцирана на врвот на еден 100 метри висок карпест ‘рт опкружен со винови лози, каде што локалното население се занимава во главно со производство на вино. Корниља е единственото село кое што нема директен пристап до морето, но затоа има стрмни скалила поставени во карпестиот залив кои водат надолу. Селото има мирен карактер, заплеткани улички кои водат до отворени тераси каде што единствено се слушаат звуците на морето и ветерот. Интересно е тоа што само оттука може да се  видат и фотографираат сите 5 села заедно.

Доколку сакате да побегнете барем на кратко до еден поразличен свет, до оваа бајка од бои, Ве покануваме да го погледнете нашиот Велигденски аранжман со предвидена факултативна посета на Чинкве Тере тука.