На околу 4 часа возење од Скопје, преку Табановце, покрај Врање, Лесковац, Прокупље и Куршумлија, ќе стигнете до едно место кое вистински ќе Ви го одмори телото и оплемени духот. Во јужниот дел на Србија во подножјето на Радан планина, е сместена денес познатата Пролом Бања.  Во продолжение издвојуваме неколку зборови за “скриеното” благо на Србија.

Демографски, Пролом Бања се води како населба во Топличкиот огруг, во рамките на општината Куршумлија. Според пописот од 2002 година тука живееле сè на сè 111 постојани жители, а ниту  ден денес нема нешто повеќе. Тука, луѓето доаѓаат и си одат, понесувајќи со себе по некој спомен, шише минерална Пролом вода и како по правило, малку повеќе здравје од претходно.

Брзо после Првата Светска Војна започнува експлоатација на минерална вода во овој крај. Веќе во 1940 година по весниците започнува да споменува Пролом Бања и својствата на нејзините лековити води. Според записите од тоа време, бројот на посетители на годишно ниво тогаш изнесувал негде околу 2.000.  Веќе посериозна бројка на туристи се забележува после 1956 год. кога организацијата на туристичката дестинација ја превзема Планика од Куршумлија.

Главниот сместувачки објект во Пролом Бања е хотелот Радан, со официјална категоризација од 3*. Изграден е 1968 год. со капацитет од само 28 легла. Неколку години подоцна се доградуваат депанданси со уште дополнителни 128 легла. Како што добивал на популарност, хотелот се повеќе и повеќе се надградувал и проширувал, за да денес, има оптимални услови за работење со модерен Велнес и СПА центар и капацитет од 210 соби опремени по високи стандарди.

Значајно е да се истакне дека пиењето пролом вода делува благотворно на болести на бубрезите и уринарниот тракт, болести на органите за варење, а во комбинација со балнеотерапија се препорачува кај болести на кожата и ревматизам.

Лековитата вода која тука извира, припаѓа на ретката група води со високи балнеолошки вредности, односно таа е високоалкална, нискоминерализирана и бикарбонатна. Температурата на водата варира од 26 до 32 степени целзиусови. Водата исто така има и изразено природно диуретичко и бактериостатско својство. Ниската минерализација овозможува да може да се пие во големи количества, а минералниот состав им одговара на сите категории на потрошувачи: деца, бремени жени, возрасни, спортисти и рекреативци.

Поставеноста на Пролом Бања на падините на планината Радан и околните шумовити планини со висина до 1000м, придонесува за исклучително пријатна клима. Климата е умерено континентална, со субалпски особини. Се карактеризирза со умерено топли лета и долги поладни зими со доста снег. Ваквата клима, заедно со бујната вегетација има благотворно дејство врз човечкиот организам, дава освежување и отпорност.

Пролом водата почнува да се пакува, флашира и пласира на пазарот од 1989 год. Изворот на Пролом вода се наоѓа на источните падини на планината Радан, која му припаѓа на најстариот вулкански масив на овие простори. Целата област на планината Радан претставува своевидна еколошка оаза, затоа што во дијаметар од 50км нема никакви индустриски постројки ниту пак прометни сообраќајници. Изворот на Пролом вода и современата постројка за флаширање се наоѓаат во непосредна близина на Пролом Бања, во која сите лековити својства на  Пролом водата и околниот природен амбиент се во служба на подобрување на здравјето и виталноста. Водата се извлекува од длабочина од 220м и се пакува без никаква физичка и хемиска обработка. Својот прв контакт со надворешниот свет Пролом водата го остварува со отварање на шишето.

Но, Пролом Бања не е само синоним за бањско лечење, таа исто така има и интересна туристичка понуда.

Црквата Лазарица се наоѓа на 2,5км одддалеченост од Хотелот Радан, додека Црквата Св. Петка е на оддалеченост не повеќе од 1,5км. Оттука има возбудлива планинска патека која води до Ѓавола Варош, мистичен споменик на природата, избран во ТОП 77 за изборот на „Седум светски чуда на природата“ околу кој се исплетени повеќе легенди. До таму секако може да се оди и со возилно, оддалеченоста е 27км од хотелот.

Последните години Пролом Бања оправдано се вбројува меѓу најпосетените бањи во Србија. Се проценува дека годишно низ неа поминуваа околу 70.000 посетители.

Доколку сте спремни да отпатувате во оваа Оаза на Здравјте барем на кратко, Ве покануваме да ја погледнете нашата програма за Водици во Пролом Бања тука.