Доколку сте доволно среќни да бидете во Париз на прагот на Новата Година, градот на светлината нуди доволно одлични можности за да си посакате Bonne année! Во мојата книга на патувања, Париз е веројатно најколоритното и највозбудливото место за дочек на Новата Година, без разлика дали преферирате диско клубови и танцување, гастрономско уживање или класична чаша шампањ заедно со најблиските пријатели или семејството.

Новогодишната традиција во Париз. Во Париз како и во останатиот дел на Франција новогодишните празници или “St. Sylvestre” започнуваат на 1ви Јануари и траат се до 1ви Феврувари. Французите во добро расположение си посакуваат Bonne Années еден на друг и си разменуваат bises (бакнежи на секој образ) во моментот кога ќе се спојат стрелките на полноќ, а сандачињата се преплавени од новогодишни честитки и подароци преку целиот месец.

Затоа немојте да се изненадите доколку слушнете новогодишни честитки за време на цел Јануари, и чувствувајте се слободни да возвратите на добрите желби! Шампањ или пенливо бело вино е типичниот новогодишен пијалок во Париз. Vin chaud или варено вино како и cider или јаболково вино, се останатите фаворити. Секако, доколку се одлучите за дочек на Новата Година во ресторан или во клуб, во повеќето локали имате на располагање изобилство од алкохолни и без алкохолни пијалоци. Типични париски новогодишни слатки се papillottes, односно чоколатциња или други слатки изненадувања, кои летаат како петарди штом ја отворите амбалажата. Истите може да ги купите во секој супермаркет или слаткарница во Париз.

papillote

Можеби изненадувачки но тука легално се продаваат петарди и други помали пиротехнички новогодишни реквизити. Без разлика дали ќе ви изгледа забавно или иритантно, бидете свесни дека уличните забави често вклучуваат исфрлање на мали, но потенцијално опасни огномети. Вообичаено се безопасни, но сепак бидете претпазливи.

paris-with-fireworks

Спротивно од популарните верувања, во Париз не постои правило за тоа како да се облечете за Нова Година и додека градот брои повеќе од обично, беспрекорно облечени следбеници на модата, многумина други, шетаат низ градот во фармерки и топли џемпери за комотно да уживаат во дочекот на Новата Година. Сепак, консултирајте дали има посебен дрес код доколку се одлучите да ја дочекате Новата Година во ресторан, новогодишна приватна забава или други настани, бидејќи некои од поскапите и ексклузивни ресторани знаат да наметнат строг дрес код со забрана за патики, фармерки и маички.
Доколку сакате одбројувањето до Новата Година да го поминете на удобно и топло место, буквално и фигуративно, далеку од толпите со народ, постојат неколку одлични места во околина на градот, каде илјадници резиденти и туристи традиционално се собираат да го отворат шампањското и да си посакаат “Bonne Année”! За оние кои сакаат да бидат во центарот на случувањата Шанзелизе или Елисејските полиња се вистинскиот избор. Околу 21.00ч ноќта на 31ви Декември луѓето веќе почнуваат да се собираат на познатата авенија. Од повеќе места на Champs-Elysées може да уживате во одличната глетка врз Ајфеловата Кула, која типично на полноќ е обоена во танцот на боите. Исто така во околината ќе најдете голем број места за вечера или танцување пред или по полноќ.

New-Year-Champs-Elysées
Иако амбиентот тука вообичаено е bon enfant (буквално добро дете или безопасно) прославата на Шанзелизе повикува на свесност за вашите лични работи, од причина што џепчиите знаат да оперираат на места каде има толпи луѓе. Доколку сте клаустрофобични оваа опција за прослава може да не е вистинскиот избор. Додека повеќето од луѓето, ако не сите, се потсмеваат на правилото и си носат флаши со алкохол и пластични чашки, сепак бидете внимателни пред правилото кое забранува консумирање на алкохолни пијалоци тука и останатите поголемите отворени јавни површини каде се собираат големи групи на луѓе. Доколку ве фатат може да треба да платите парична казна. Плоштадот пред цркава Sacre Coeur односно Св. Срце е следниот фаворит како кај Парижаните, така и кај туристите. Значително помирно и потивко место, во однос на Шанзелизе како избор за да ја испратите Старата и да ја дочеката Новата Година. Доколку небото е релативно чисто, заради повисоката позиционираност на местото, тука се отвара спектакуларна панорама врз Париз. И покрај тоа што тука повторно ќе наидете на толпи луѓе, уличната забава на Монмартер е неконвенционална, опуштена и релаксирана во однос на Шанзелизе. Тука кај Монмартер и блискиот Пигал, ќе најдете голем број интересни барови, кабареа и диско клубови, кои можеби ќе бидат Вашиот избор.

Panorama Paris

Новогодишна храна и шоу програми. Париз несомнено ја има една од најквалитетните кујни во светот и следствено на истото тука може да очекувате голем број на ресторани кои нудат интересни новогодишни мениа, некои со разумни цени, други со неверојатно претерани. Заедно со вечерата, зошто да не ги насладите очите со традиционалните кабаре претстави? Нова Година е одлично време за да уживате во сите тие париски клишеа кои сите некогаш треба да ги искусат.
Крстарење со вечера. Поевтина опција за дочек на Новата Година е вообичаеното крстарење со вечера по Сена, со класичните француски шансони во позадина, претопени во светлината и романтичната празничната атмосфера. Bateaux Parisiens (мал брод за крстарење) нуди новогодишно крстарење со вечера кое вклучува музичка програма, флаша Pommery шампањ и други изненадувања. Напомена, за ваквиот избор потребно е да резервирате навремено, најмалку 24 часа порано.
Париските јахти исто така нудат гастрономско уживање за новогодишната вечер со крстарење по Сена. Крстарењето со вечера трае 2 часа и вклучува аперитив, десерт и кафе, и секако прекрасен поглед на знаменитостите на градот како Катедралата Нотр Дам и Тулери градините.

Напишано од: Елена Дренковска