Неа Каликратија е релативно нов град, лоциран на западната страна на централниот дел на Халкидики. Нејзината локација е иделна, таа e поставена меѓу првите градови на Халкидики и е најблиску до Солун на само 40км оддалеченост и малку помалку до Касандра и Ситонија. Се категоризира како одлична дестинација за летување со добро развиена инфраструктура, преубавa долга песочнa плажа и кристално чисто море. Некогаш малото рибарско место, низ времето прераснува во позната туристичка населба со богата хотелиерска понуда. Главната експанзија градот ја доживува за време на 80тите години од минатиот век кога местото оживува со населувањето на многу луѓе и се издига на ниво на останатите познати дестинации на Халкидки.

Денес, Неа Каликратија брои околу 11.000 постојани жители, но оваа бројка за време на летните месеци значително се зголемува и достигнува и над 150.000 жители. Нејзината популарност се должи во главно на преубаватата долга плажа со фин песок и морето кое е со постепена длабочина и е погодно за фамилии со деца. Плажата има капацитет да смести навистина голем број на гости, а сепак да се задржи балансот помеѓу нив. Оттука може да уживате во прекрасната панорама која се отвара и незаборавните зајдисонца кои уште долго ќе Ви останат врежани во сеќавањата.

ГАСТРОНОМИЈА

Задолжително не пропуштајте дегустација на одличната свежа морска риба. Имено, Неа Каликратија и ден денес важи за значајно рибарско гратче кое секојдневно ги снабдува со свежа риба и морски плодови Солун и околните градови. Во повеќето од локалните ресторани ќе може да дегустирате некој од најдобрите рибни деликатеси во Грција воопшто.

Храната во Неа Каликратија би ја опишале со еден збор како ЕВТИНА. Ама навистина евтина! Постојат неколку фини традиционални грчки таверни поставени покрај брегот кои се со малку посолени цени, но се сепак повеќе од разумни со оглед на нивната позиционираност и погледот кои го нудат. Ако прошетате малку понастрана нагоре низ нејзините улички, ќе наидете и на поевтини места за исхрана, а повторно со одлична услуга. Ако сте за брза закуска како на пример гиро, имате одлична понуда со доста продавачи кои се позиционирани малку повнатре во градот. Гастрономската понуда на Каликратија е навистина богата, тука ќе најдете пред се локална, но и интернационална кујна соодветна за сечиј вкус. Традиционалниот појадок во Неа Каликратија вклучува ладно фрапе заедно со bougatsa, полнето вкусно пециво со фета сирење или крем од ванила со цимет купено во некоја од локалните пекари за убав почеток на денот. Совет плус, колку сте подалеку од морето, толку цените се пониски!

СОДРЖИНИ

Свежи морски деликатеси, локално добро вино, гастрономија и гостопримство, многубројни опции за забава и модерни туристички капацитети се атрибутите кои бездруго ветуваат пријатно летување по прифатливи цени. Во Неа Каликратија се наоѓаат неколку мега маркети како Лидл, Масутис и Арвантидис, голем број помали продавнички, сувенирници, слаткари, кафулиња и што уште не. Местото има мало пристаниште, новоизградена болница и здравствен дом.

Покрај плажата има убава променада за опуштени прошетки, паркче за деца и плоштад. За време на високата летна сезона во централниот дел на Каликратија од страна на општината се организираат интересни културни настани како концерти, фолклорни настапи и слично, кои доаѓаат како вистинско освежување во вечерните часови во жешките летни денови.

ПЛАЖА

Морскиот брег е обиколен со прекрасна песочна плажа и бројни барови, клубови и помали маркети каде може да најдете се што ви е потребно во било кое време од денот. Лежалките и чадорите на плажа се бесплатни, со нарачка на барем еден пијалок од барот на која одбраната плажа припаѓа. Постои голема конкуренција помеѓу баровите на плажа и сите се трудат да дадат подобра услуга, цена и различни промоции, така што може да проверите што ќе биде најприкладно за Ваш вкус. Јужниот дел на Неа Каликратија е познат по исклучителната чистота одржувана по високи стандарди. Токму во овој дел од градот е сместен Хотел Парактио, дел од нашата понуда за лето 2017. Тука, ќе ги пронајдете сите неопходните содржини за квалитетен одмор како убаво уреден двор, скара, паркинг, лулашки за деца, бесплатен Wi-Fi и клима и секако луксузно и модерно опремени студија со прекрасен поглед кон морето и градината. Морето во овој дел е плитко и мирно без бранови, со што е погодно за фамилии со мали деца, како и за оние кои сакаат долго да се излежуваат под сонцето баш тука во плиткото, каде морето се пресретнува со песокот.

Совет плус, не заборавајте да понесете со себе лосион за сончање, затоашто цените на ваквите производи не само во Каликратија, туку и воопшто на копното се зашеметувачки.

Јужно од Каликратија на само 2км од центарот е лоциран мини водениот парк Shape со средна големина и прифатливи цени за користење на тобоганите. Во склоп на водениот парк има бар каде се служи храна и пијалоци. Интересна опција за еден убаво исполнет ден.

Aко сакате пристојно место за мирен и релаксиран одмор блиску од дома, Неа Каликратија може да биде одличен избор.