Најјужниот, најсончевиот и најголемиот грчки остров! Сте биле ли некогаш на Крит?! Островот на кој сакате повторно да се вратите, да видите, да откриете повеќе и повеќе.. Островот со заносни сценографии, прекрасни пејсажи, богата историја и интересен народ. Крит е горд на убавината на својот главен град Хераклион, несекојдневната архитектура на Хања, ренесансните структури на Ретимно и спокојот на заливот Мирабело чиј што украс е Агиос Николаос.

Препознатлив по фасцинантни кањони, стрмните карпи, необичните висорамнини а најмногу по своите плажи покриени со бел, фин песок, Крит е остров со обала долга повеќе од 1000км и тој е единствениот грчки остров каде може да се бањате на две мориња, од една страна е тиркизното Критско Море, а од другата, топлото, сино Либиско Море. Плажите на Крит се едни од најубавите во Грција, а и пошироко, во продолжение ги издвојуваме најубавите и најинтересните меѓу нив, кои секако се задолжителни за посета.

Елафониси

Магичната плажа Елафониси е поставена на југозападниот дел на островот, на 80км од градот Хања. Елафониси е егзотична плажа со дини од бел и розеникав песок, кристално чисто, плитко, мирно и топло море. За време на посетата на оваа плажа, ќе имате можност да посетите уште една импресивна плажа во близина, плажата Кедродасос (кедрова шума). Елафониси е несомнено една од најубавите плажи на Крит, една од оние кои уште долго ќе останат во Вашите сеќавања.

Балос

Плажата Балос на Крит, не е само плажа, таа е едно мало чудо на природата, природна лагуна, совршен спој на чиста вода, розеникав пресок и нестварен амбиент. Златно-црвенкастиот песок во комбинација со тиркизното море навистина претставуваат импресивен призор, но она што фасцинира повеќе е фактот што ова е една од најмирните и најприродни плажи на целиот остров. Немојте да се изненадите ако меѓу лежалките наидете на некоја дива коза 🙂 До плажата Балос може да се дојде по воден пат со бродови кои поаѓаат од местото Кисамос (околу 25-30€ по лице) или со автомобил по прилично комплициран земјен пат (се наплаќа по 1€ од лице на влезот од магистралниот на селскиот пат). Патот е долг 7км а се вози цирка 35-40мин. Од местото каде се паркираат возилата, имате за пешачење надоле уште 1-1,5км по стаза уредена со скалички, ова е да, малку напорно, но панорамата која се отвара оттука надолу е неверојатна и единствена. За оние кои не сакаат да пешачат, може да се симнете и качите со магариња со доплата на лице место, ете Грците и од ова направиле бизнис 🙂 Доколку ја посетите оваа плажа може да го видите и добро зачуваниот венецијански замок тврдина, кој е сместен на врвот на планината на островот Балос. Важна напомена: внимавајте при договорот за изнајмување на возило задолжително да напоменете ако планирате да ја посетите оваа плажа, може да треба да потпишете одредена клаузула плус, од причина што не сите рент а кар компании дозволуваат со нивните возила да одите до Балос.

Фаласарна

Плажата Фаласарна е оддалечена на 12км од Балос, во северозападниот дел на островот и според многумина е најубавата плажа на островот. Плажата е уредена со лежалки и чадори за изнајмување, има кристално чиста и плитка вода и е доволно голема со капацитет речиси и до 1000 туристи, колку што и реално има за време на високата летна сезона. Неколку пати е наградувана за најдобра плажа во Грција, а редовно се вбројува во најубавите плажи на Крит, во друштво со Балос и Елафониси. Песокот тука е со скоро розева боја, а морето е обоено во најубавите тиркизни тонови, кои заедно со планините во позадина прават заносен пејсаж. Залезот на сонцето некои велат е најубав на Фаласарна.

Плажа Шеитан, Лиманиа

Плажат Шеитан или во превод ѓаволската плажа (заради тешката пристапност) е лоцирана на  североисточната страна на полуостровот Акротири, на западната страна на Крит, на 20км од Хања. Таа се одликува со чисто море и е опкружена од двете страни со карпи, поставена во мал кривулест залив со интересен облик. Ова е плажа поразлична од сите други, водата продира низ карпите на Акротири, креирајќи мал залив и во заливот е формирана една од најубавите сега веќе не толку тајни плажи на Хања. Важна напомена: од причина што плажата не е уредена, ако се решите да ја посетите, понесетете си со себе се што ви е неопходно (храна, вода..). За да стигнете до плажата имате 20мин пешачење од паркингот за возила, по стрмни, нерамни скалила надолу.

Вулизма

Лоцирана 12км источно од Агиос Николаос, 22км северно од Лерапетра, оваа плажа наликува на Карибите. Плажата е одлично организирана и има ретка убавина за плажа лоцирана во северниот дел на островот. Финиот бел песок го бои морето во прекрасни тиркизни тонови, кои потсетуваат на тропските краишта. Во близина на плажата има кантини каде може да си купите пијалок и храна.

Бали

Ова не е Бали во Индонезија 🙂 туку Бали на Крит, во близина на Ретимно. Ова мало шармантно рибарско место се наоѓа на 32км оддалеченост од Ретимно. Се работи за чиста плажа со ситни мали камчиња. Плажата е на места организирана со лежалки и чадори за изнајмување, тука може да се забавувате и со различни спортови на вода. Во близина на Бали, има и уште неколку мали, симпатични, неискомерцијализирани плажи.

Плакиас

Плажата Плакиас се наоѓа на околу 40км од Ретмино и е една од најдолгите плажи на Крит. Се карактеризира со чиста вода и песочна обала. Оваа плажа е исто така популарна кај нудистите.

Превели

Плажата Превели е лоцирана 35км од Ретимно и 10км источно од плажата Плакиас. Превели, позната уште и како Феникс, се наоѓа во импознатната клисура од каде тече Големата река (Грците ја нарекуваат Месопотамос). Плажата е секако една од најпознатите плажи во јужниот дел на Крит и привлекува илјадници туристи секое лето. Неколку години порано таа била омилена дестинација на хипиците.

Матала

Малото рибарско селце, поставено 70км од Хераклион, порано било познато како вистински рај за хипиците.  Не е изненадувачко тоа што тие ја одбрале токму оваа плажа за уживање во текот на летото. Фин песок,  бели карпи кој штитат од ветер и кристално чисто море се дел од физичките карактеристики кои ја прават Матала атрактивна. Уште поинтересна за посета за секаков тип на туристи, ја прават и малите вештачки пештери издлабени во карпите. Плажата е уредена со лежалки и чадори за изнајмување и во непосредна близина се наоѓаат неколку фини ресторанчиња и барови.

Агија Пелагија

Околу 24км северозападно од Хераклион се наоѓа плажата Агија Пелагија. Мал, затворен, зелен залив со кристално чиста вода и бројни погодности, се само дел од причините зошто таа е вредна за посета. Причина плус за да ја посетите е фактот што плажата е воглавно природна и неуредена, со пријатна свежина од зелените карпи кои ја опкружуваат и дополнуваат.

Малија

Сигурно сте слушнале за област која се нарекува “место за баханалии” е па тоа на Крит е без друго Малија. Денес ситуацијата е делумично подобрена, бидејќи властите се почесто вршат контроли на ова место и ги смируваат “безобразните” посетители кои прават нереди и се однеуваат бахато. Покрај ова, не постои било каква друга причина која би Ве спречила да ја посетите оваа инаку убава, уредена песочна плажа. На плажата може да уживате во бројни водени спортови и останати содржини како ресторани и барови.

Агиофараго

Ако сте во потрaга по навистина оддалечена и непристапна плажа, плажата Агиофараго е идеалниот избор. Плажата е поставена  на југот на островот доста блиску до Матала. Поставена е на стрмен кањон, има кристално чиста вода и обала од мали, ситни камчиња. До неа може да се стигне со брод кој поаѓа од селото Кокинос Пиргос (мало село западно од местото Тимпаки) или со спуштање низ кањонот за што се потребни 15-20мин.

Ваи

Источно од Ситија на околу 100км од Агиос Николаос, на ‘ртот Сидеро се наоѓа преубавата плажа Ваи покриена со богата шума од палмини дрвца во позадина (преку 5.000 палми). Плажата е со фин, бел песок наместа со мали камчиња и тиркизна вода. Иако плажата е уредена, чадорите се хармонично искомбинирани со палмините дрвца, па заедно и даваат на плажата егзотична нота.

Островот Хриси

Островот Хриси е еден од 81 ненаселени острови на Крит поставен 13тина км јужно од Лерапетра. Мештаните го нарекуваат “Магарешки остров”. Должината на островот е 5км, а ширината 1км. Највисоката точка се вика Кефалас и е на надморска висина од 31м. Ова е прав остров со златни и бели песочни плажи, кристално чисто море, маслинови дрвца и голем број на мали школки распослани долж обалата. По должина на островот а особено кон центарот постои кедрова шума стара преку 200год. Во северниот дел на островот може да се најдат уредени плажи со лежалки и чадори за изнајмување и уште неколку природни неуредени плажи кои се интересни за истражување. На југоисточната страна на островот Хриси се наоѓа живописна марина со бротчиња преку кои туристите доаѓаат на островот, тука има и таверна за ручек или кафе, како и преубава плажа уредена со лежалки и чадори за изнајмување. До островот Хриса се стигнува со брод кој поаѓа од градот Лерапетра, најјужниот град во Европа.

Франгокастело

Плажата е позната по остатоците од некогашниот венецијански замок и заради тоа станува позната и се развива. Песочната плажа (под замокот) има доста плитка вода идеална е за мали деца. Недалеку од неа кон исток постои уште една преубава, тивка песочна плажа каде што е допуштен нудизам.

Која е Вашата омилена плажа на Крит?! Кои плажи сте ги посетиле на Крит?! Ако се уште не сте го посетиле овој прекрасен остров, повелете контактирајте не да го организираме заедно Вашето идеално и незаборавно патување за ова лето! 🙂

LAST MINUTE – КРИТ 2018 – АВГУСТ