Поставена во јужниот дел на Србија на источните падини на Копаоник, со надморска висина од 681м, Луковска Бања е највисоката бања во Србија. Бањата се карактеризира со лековити термално-минерални извори, недопрена природа на шумовитиот Копаоник, кристално чист воздух и умерена клима. Нејзината поставеност и опкружување со високи врвови, истовремeно ја карактеризираат и како водушна бања. На подрачјето на Луковска Бања се издвојуваат 2 групи извори и тоа: западна (Горна Бања) со 20 природни избори и источна (Долна Бања) со 13 природни извори. Врз основа на бројните физичко-хемиски анализи утврдено е дека водите кои тука извираат се исклучително лековити и благотворни при лечењето на ревматски болести пред сè, потоа кај остеопороза и остеопенија. Водата има позитивно влијание кај скршеници и пост хируршки зафати на костозглобниот систем, се препорачува кај гинеколошки заболувања, анемија, после тешки болести (инфаркт и мозочен удар), хроничен бронхитис и астма. Бањата секојдневно има бројни посетители било за вистинска потреба од неа, или пак од оние кои едноставно бараат одмор во природа, што подалеку од градската врева.

Во најтоплиот бањски извор температурата на водата изнесува до 68°C додека температурата на водата која се користи при терапиите е со температура од 30 до 35°C. Лековитите термални води на Луковска Бања припаѓаат на категоријата високо квалитетни минерални води, гледано од балнеотерапевтски аспект, благодарејќи на поволниот анјонско-катјонски состав,температурата и присуството на растворен водород-сулфид. Водата е добро минерализирана, има над 1 gr/l растворени цврсти состојки, извонредна хипертермалност која овозможува разладување до саканата температура за нејзина примена, има значајни количини на доминантни јони на натриум, магнезиум, калциум, хидрокарбонат и растворен водород-сулфид кој добро се ресорбира преку кожата со капење и покажува лековито дејство, особено кај реуматските и кожните заболувања.

Во лекувањето се користи и лековита кал направена во комбинација со термална вода. Земјата со висока минерална вредност се иситнува, се просејува и меша со лековита вода, a калта потоа се користи за индиректни апликации. Минералната кал има изразени тераписки дејства и благотворно дејствува кај многу заболувања.

Луковска Бања е посебно атрактивна за посета во текот на зимските месеци кога може да уживате во снежната идила со минусни температури надвор, а температурата на водата и понатаму во плус од 35°C. Сите работно способни мештани на Луковска Бања и околните села тука се вработени. Акционерското друштво Планика и менаџментот на Луковска Бања вложуваат максимални напори како би го задржале постоечкото население, но и како би привлекле ново, со бројни акции за привлекување на млади.

Чистиот планински воздух и термалните води, се совршена база за будење на сите сетила. Природата воопшто не се штедела давајќи убавини на овој крај, а пак мештаните биле вредни, граделе и ја надополниле нејзината убавина.

Акционерското друштво за производство, туризам и угостителство Планика во чиј што состав е Луковска Бања, тука има изградено 2 хотели, хотел Копаоник и хотел Јелак, со комплетен капацитет од околу 280 легла. Хотелот Копаоник е изграден 2000 год додека хотел Јелак е изграден 2009 год.  и двата со модерни СПА и Велнес центри со сите потребни апарати и медицински лица на располагање за дијагностика. Гостите покрај базените и Велнес центрите, имаат на раполагање и сала за рекреација, спортска сала и сала за забава. На зима за љубителите на зимските спортови во близина има изградено и ски стаза.

Од година на година, Бањата бележи се повеќе посетители. Месната заедница има околу 1000 жители а во самата Бања живеет околу 250 мештани. Капацитети за летната сезона се пополнуваат уште од мај и од истата причина изградени се и дополнителни апартмани во околина на хотелите кои нудат соби за изнајмување.

Во областа постојат и неколку културни знаменитости интересни за посета и разглед како Стазата на Здравјето, Луковската Колиба, Црквата Св. Петар и Павле од 18от век и Црквата Св. Мина од 17от век. Мештаните организираат исто така и прошетки до Пролом Бања, Копаоник, Ѓавола Варош и Куршумлија. Ако сте тука и имате време и простор може исто така да ја посетите и Црквата Св. Ѓоргија изградена 2002год. од страна на АД Планика на видиковец 980м над Луковска Бања, од каде се отвара прекрасна панорама врз целиот крај.

Купатилото на Крал Милутин

Мештаните раскажуваат дека Кралот Милутин често престојувал во овие краишта, дури поседувал и свој летниковец во околината на Луковска Бања. На местото каде што некогаш било народното купатило изградено е ново модерно купатило со модерни погодности, каде што две до три лица истовремено може да применуваат хидротерапија со изворска вода со температура од 42 до 45°C со оригинален хемиски состав.

Купатило Шљивак

Базенот во Шљивак е современо изграден со концепт за примена на термо-минерална вода. Доста е популарен кај бројните негови посетители, се смета дека има “најсилна” вода во Бањата. Базенот се полни со водата која тука извира, истата е со специфичен хемиски состав а со температура од 40-42°C.

Девојачки солзи

На околу 2км од Луковска Бања, постои извор во народот познат како “Девојачка солза”. На ова место според легендата, една убава девојка дознала за смртта на нејзиниот вереник на Косовското поле во 1389год. Од нејзината жалост и тага проплакала и карпата, од која и денес капе вода, која се верува дека е лековита.

Доколку имате потреба од освежување на телото и духот, како и простор, време и желба некаде да отпатувате, Ве покануваме да ја погледнете нашата пакет понуда за Луковска Бања за престојниот продолжен викенд во чест на христијанскиот празник Водици тука.