За време на летните месеци Калитеа е меѓу најпопуларните гратчиња на Халкдикики. Секоја година Калитеа ја посетуваат илјадници туристи во потрага по неверојатна природа, богата историја и динамичен ноќен живот. Градот е лоциран на источната страна на првиот крак Касандра, оддалечен од Солун околу 90км и 50км од административниот центар Полигирос. Важи за едно од најкосмополитските места на Халкидики, поставено на височинка од каде се отвара прекрасна панорама врз Егејското Море кое тука има тиркизна боја. Самото име Калитеа, е всушност реферeнца на истото, името во превод значи “убав поглед”.

Калитеа е раскрсница преку која води патот до сите останати гратчиња било на источната страна на Касандра, како Пефкохори, Ханиоти, Полихроно, Криопиги и Паљури, било на западната страна како, Фурка, Посиди, Агија Параскеви и др. Каде и да сте тргнале, патот води низ Калитеа. На кратка пешачка дистанца е лоцирано блиското Афитос, прекрасно мало гратче кое задолжително треба да се посети барем на една попладневна прошетка. Калитеа е мало место со околу 500тина постојани жители преку целата година, но во сезона е меѓу најпопуларните места на Халкидики и привлекува голем број на туристи. Гратчето е окружено со борова шума, а најголемиот атрибут е прекрасното тиркизно море и плажата со фин бел песок и постепена длабочина, погодно за фамилии со мали деца и постари лица.

Градот има широка понуда на сместувачки капацитети соодветни за сечиј вкус и џеб. Прифатливи цени за коректно приватно сместување во студија и апартмани од типот на Вила Grigoriu па се до луксузни хотелски комплекси од типот на Aegean Melathron Thalasso & Spa Hotel, Athos Palace и Pallini Beach со несомнено едни од најубавите приватни песочни плажи на Касандра воопшто. Градот има голем број на кафулиња и барови заради кои е една од омилените дестинации кај помладата публика. Калитеа важи за еден од најголемите шопинг центри на Халкидики, односно главната пешачка улица како и околните улички се обиколени со продавници од секаков тип, златари, бутици за крзно, продавници за обувки, продавници за облека, супер маркети, банки, пошта, амбуланта, рент а кар компании, фаст фуд ресторани, таверни, дури и картинг. Калитеа е спремна да ги пресретне и задоволи потребите и на најпребирливите гости.

На долната страна од главната улица на крајот од ридот се до плажата на Калитеа се поставени бич барови каде секојдневно дење или ноќе се случуваат одлични забави. На 1,5км оддалеченост од Калитеа на патот кој води кон Пефкохори се лоцирани најпознатите ноќни клубови на Халкидики, така што за сите млади кои бараат плажа и забава повторно Калитеа е вистинското место. Со почеток на сезоната, па сè до средината на септември ако времето е добро тука гостуват најдобрите диџеи од Северна Грција и прават одлични забави. За викендите скоро сите млади од Солун доаѓаат во Калитеа за да уживаат на нејзините убави плажи, но и ноќните забави до раните утрински часови.

Во центарот на Калитеа е лоцирана црквата Св. Пантелејмон изградена во руски стил. Интересен е фактот што во непосредна близина на Калитеа пронајдени се значајни археолошки локалитети со остатоци од некогашните храмови на Дионсос со Нимфите и на Амон Зевс.

Најпосле Калитеа е место каде ќе најдете високо квалитетен сервис спремен да ги задоволи потребите на сите свои гости. Ако барате урбани и динамични места полни со луѓе и случувања, дефинитивно Калитеа може да биде вистинскиот избор. Само имајте на ум ако не сте со кола, а сте сместени во центарот дека до плажа имате околу 100тина скали кои водат надоле, нагоре, или малку поблагата варијанта да го користите подвозникот, веднаш под главниот пат.