Градот на восхитувачки архитектонски композиции, романтичниот брег на реката Адиџе, стари цркви и најтажната љубовна приказна, онаа за Ромео и неговата Јулија. И не било случајно тоа што славниот Вилијам Шекспир се инспирирал од една старо италијанска приказна за двајца млади љубовници и ја напишал една од најпознатите драми на сите времиња, со место на одвивање на сите заплети и расплети токму тука, во Верона. Но таа не била инспирација само за Шекспир, многумина други ќе остават трагови во овој италијански град. Така на пример тука минал Гете спомнувајќи ја Верона во неговото дело “Патување низ Италија”, а пак креаторот на страшниот Пекол, Данте Алигиери, во времето кога бил прогонет од неговата родна Фиренца, нашол засолниште токму во Верона. Идентификувајќи ја Верона како градот на Ромео и Јулија, малку неправедно како да се ставени во сенка сите нејзини други убавини. Верона е позната уште и како “Портата на Италија” затоа што на оние кои доаѓаат од север, им ги антиципира сите карактеристики, убавини и есенцијата на Италија воопшто. Градот претставува микс од уметничко, историско и културно наследство, распределени во една инспиративна средина од тесни и интимни улички, убави плоштади и вкусна традиционална италијанска кујна. Добар дел од нејзинати историски атракции се фино зачувани до ден, денес и се под рамките на светското културно наследство на УНЕСКО. Ако сакате да ѕирнете позади балконот на Јулија, во продолжение издвојуваме итинерер кој ги вбројува најпознатите места за посета на Верона. Ве уверуваме дека ќе бидете заведени од шармот на овој прекрасен мал италијански град.

Арената

Cветски познатиот симбол на градот, покрај приказната за Ромео и Јулија е секако римскиот амфитеатар, подобро познат како Арената на Верона. Арената е најверојатно изградена во 1от век од н.е. и како повеќето арени била изградена како место за одржување на гладијаторски борби. Таа е 4от амфитеатар веднаш после Колосеумот во Рим, Капуа и Милано. Се карактеризира со цврста и импресивна надворешна структура и пространа, сјајна внатрешност. Името арена доаѓа од италијанскиот збор “rena” или во превод песок, осврнувајќи се на централниот дел каде што се одржувале борбите. Арената во античко време имала капацитет да собере 30.000 гледачи, но денес од безбедности причини максимумот е до 15.000. Одлично зачуваната античка Арена е седиште на летниот оперски фестивал на Верона и бројни други музички манифестации. Арената е исто така отворена за посетителите, влезницата чини 10€.

Куќата на Јулија

Верона секако е најпозната како местотото каде се одвива љубовната приказна помеѓу Ромео и Јулија. Куќата на фамилијата Капулети е една од најпосетуваните во градот, сместена е централно и се чини како сите улички да водат кон неа. Изградена е во 13от век, се карактеризира со фасада од црвени тули и готска влезна врата. Во дворот е поставена бронзена статуа која ја претставува Јулија и фамозниот балкон, сведокот на раѓањето на големата љубов. Куќата на Ромео е помалку популарна, затоашто денес е во приватна сопственост и не се дозволени туристички посети. Гробот на Јулија е лоциран во еден антички манастир од 13от век  во близина на центарот на градот, заинтересираните може да го посетат, постојат организирани тури.

Плоштадот Ербе

Еден од најшармантите плоштади во Италија. Плоштадот Ербе е најстариот плоштад во Верона и е секако нејзината најенергетичната точка. Тука се наоѓа колоритниот пазар покриен со големи бели чадори и широка понуда на сувенири и накит по прифатливи цени. Рамката која го обиколува е со историски градби и монументи, меѓу кои Градското Собраниe, Кулата Ламберти, Судот, куќата Мацанти, барокната Палата Мафеи, а централно е поставена фонтаната Мадона Верона, уште еден од симболите на градот. Интересен е фактот што упатува на тоа дека во 15от и 16от век во Верона било модерно фасадите на куќите да се исцртуваат со уметнички мотиви, па така во тоа време постоеле повеќе од 300 насликани фасади, дури ја нарекувале “Urbus picta” или во превод обоениот град. За време на пазарните денови, плоштадот изгледа како дневна соба на градот. Тука, луѓето на Верона излегуваат да пазарат, седнуваат на разговор со пријателите во некое од кафулиња и како по правило уживаат во понекој аперитив пред семејната вечера.

Базиликата Сан Ѕено Маџоре

Еден од најдобрите примери на романескна архитектура во Италија. Другите цркви во Верона земале пример и инспирација токму од оваа базилика. Првата поставка води потекло уште од 4от век, меѓутоа повеќето од денес постоечките градби се изградени некаде помеѓу 10от и 12от век. Постои легенда која ја пренесуваат мештаните, според која за време на поплавата кога се излиле водите на реката Адиџе во 589 год. водата запрела пред вратата на оваа црква, која била изградена на местото каде е погребан бискупот Ѕено. Сан Ѕено, бил 8от бискуп на Верона во период од 362 до 380 год. и е значаен по тоа што го  преобратил градот кон Христијанството. Црквата е богата со слики и скулптури со потекло од 12от до 16от век. Значајна е бронзената порта со мотиви од библијата, со потекло од 11 век. Црквата е лоцирана во центарот на градот, отворена е за посетителите во одредени работни часови, влезницата чини 2,5€.

Пјаца деи Сињори и Арке Скалиџери

Административната моќ на Верона секогаш се фокусирала на овој убав плоштад опкружен со монументални градби, поврзани едни со други со аркади и арки. Во центарот на плоштадот е поставена статуа на Данте, кој се засолнил во Верона, отткако бил прогонет од неговата Фиренца. Во продолжение на плоштадот на неколку чекори подолу е поставена фамилијарната гробница на семејството Скалиџери т.н. Арке Скалиџере. Интересна е нивната поставеност и декорација. Се сметаат за едни од најдобрите примероци на готската уметност во Италија. Припаѓаат на членовите на фамилијата Скалиџери која владеела со Венеција во 13от и 14от век. Може да ја ѕирнете и симпатичната мала црква Санта Марија Антика, поставена веднаш позади нив.

Плоштадот Бра

Еден од најголемите плоштади не само во Италија туку и во цела Европа. Плоштадот е доминиран од Арената на Верона и значаен по неколкуте историски градби. Неговото име потекнува од германскиот збор “breit” или во превод, широк, простран. На плоштадот има убаво поплочено мермерно шеталиште со розеникав мермер од Валполчела, истиот кој е користен при изградбата на римскиот амфитеатар. Тука, луѓето сакаат да си помуабетат, прошетаат или да седнат на ручек во некој од локалните рестораните каде се служи одлична традиционална италијанска кујна.

Портата Борсари

Старо античката римска порта порано го означувала јужниот влез во градот. Изградена е во 1от век од н.е. означувајќи го во свое време главниот влез во градот, долж улицата Виа Постумија. Претставува одличен пример како старото е совршено претопено со новото и модерното на Верона.

Дуомото на Верона

Главната катедрала на Верона именувана како Санта Марија Матриколаре, или најчесто само како Ил Дуомо е изградена со посвета на Дева Марија. Подигната врз основата на 2 постари цркви кои се срушиле по земјотресот во 1.117год. Катедралата е изградена во романескен стил во 1.187 год. Иако претрпела повеќе реставрации, дотерувања и доградби, нејзината основа останала непроменета. Покрај нејзиниот исклучителен надворешен лик, интересна за посета е и нејзината внатрешност, црквата е значајна исто така по својата богата колекција на уметнички дела, вклучувајќи дела од големиот италијански мајстор Тицијан.

Мостовите на Верона

Реката Адиџе која тече низ Верона е втората најголема река во Италија, веднаш после реката По. Реката го дели градот на 2 дела и природната потребата за нивно поврзување постоела одсекогаш. Денес, постојат неколку мостови кои го поврзуваат градот преку реката Адиџе.  Најстариот помеѓу нив е Камениот Мост т.н. Понте Пјетра изграден во римско време. Од останатите се истакнува уште и Понте Скалиџеро поставен пред Кастелвекио. Мостот е изграден во втората половина на 14от век и се карактеризира со 3 нееднакви арки.

Во потрага по малку повеќе, може да ја погледнете нашата 8мо Мартовска програма со вклучена посета на Верона тука.

8ми Март 2018

СПЕЦИЈАЛНА ПОНУДА

 – 129 €- 

 – 119 €- 

Повеќе

.