Поставена на 100тина островчиња испреплеткани меѓу себе со мостови и канали, Венеција со векови е еден од најубавите градови на светот. Градот на мостови и канали го нема сменето својот лик повеќе од 600 години и повеќе изгледа како сцена од некоја сликовница или бајка, отколку на модерен град метропола. Таа е толку оригинална и своја, што целиот град е всушност атракција сам по себе, а сите други градови налик неа, се само бледи нејзини копии. Град со таква арихитектура и уметност не случајно секојдневно привлекува милиони туристи ширум светот, љубопитни да го доживееат уникатното венецијанско искуство. Дестинација која успева да ги надмине сите очекувања, било да ја посетувате прв пат, втор пат или 100ти пат, таа секогаш ќе најде начин како да Ви ја допре душата и да предизвика емоција. Во продолжение издвојуваме кои се 10те најпознати места од интерес на Венеција:

Плоштадот Св. Марко

Срцето на градот и природниот епицентар на сите случувања и разгледи е Плоштадот Св. Марко. Тој со векови наназад важи за главното собиралиште и е главниот јавен плоштад во Венеција. Плоштадот е опкружен со неколку кафулиња со тераси под отворено небо и значајни спомен обележја, вклучувајќи ги Базиликата Св. Марко и Дуждевата Палата. Поставен е на трапезоидна основа, која се шири пред влезот на базиликата. Најпознатото кафуле тука, е познатото Кафе Флоријан, каде може да се ужива во оригиналното италијанско еспресо, како што тука некогаш уживале славните Дуждеви, но внимавајте ваквото уживање може да Ве чини прилично скапо и за едно еспресо да Ви наплатат и повеќе од 20€. Имајте на ум дека кафето е поеднакво добро, ама поевтино неколку улички подолу.

Црквата Св. Марко и Камбанаријата

Поставени на истоимениот плоштад, 30 катната камбанарија и масивната базилика, се вборјуваат меѓу најпознатите туристички атракции на Венеција. И двете се со потекло од 9от век, но биле одново изградени и постојано дотерувани низ вековите. Базиликата Св. Марко служи како витрина на која се поставени сите богатства акумулирани од страна на градот за време на венецијанската воена превласт. Нејзиниот дизајн е комбинација од византиска и готска архитектура, компонирани на уникатен начин. Повеќето од нејзините ѕидови и сводови се прекриени со сложени средновековни мозаици. Позади гробот во кој се верува дека се закопани реликвиите на Свети Марко, стои грандиозниот олтар Pala d’Oro, параван од злато украсен со скапоцени камења, кој се смета за еден од најфините рачни изработки од византиското време. Камбанаријата првично била изградена како светилник со цел да им помага при навигацијата на морнарите во лагуната. А денес има функција на камбанарија на базиликата Св. Марко и едно од најпрепознатливите спомен обележја на Венеција. Моменталната градба е реконструкција οд раниот 20 век врз оригиналната кула, која се срушила 1902 год. Посетителите може со лифт да се искачат до врвот на Камбанаријата од каде се отвара неверојатна панорама врз Венеција и нејзината лагуна. Влезот во базиликата е бесплатен и е отворен за посета само во одредени работни часови, меѓутоа посета на поедини нејзини составни делови е со доплата, како на пример посета на Музејот 5€, Пала д’Оро 2€, Ризницата 3€ и Камбанаријата 8€.

Мостот Риалто

Еден од 4те мостови кои се протегаат врз Каналот Гранде. Речиси 300тини години тој бил единствениот начин на минување пеш преку каналот. Камениот мост е креација на Антонио да Понте и е изграден 1591 год. како замена на стариот дрвен мост кој некогаш бил тука, но се срушил во 1524 год. Градбата на мостот во своето време била сметана за прилично смела, што дури некои архитектите со потсмев предвидувале брз негов колапс во иднина. Но мостот од друга страна и ден денес стои гордо исправен и е еден од архитектонските обележја на Венеција.

Дуждевата Палата

Изградена во времето на Златната Доба на Венецијанската Република, кога градот бил управуван од стана на Дуждот како кралство. Дуждевата Палата не била само резиденција на Дуждот, односно владетелот на Венеција, туку и градскиот центар и средиште на комплетната државна администрација. Самата градба била изградена во 2 фази и тоа, источното крило насочено кон Рио ди Палацо било изградено помеѓу 1301-1340 год. додека за изградба на западното крило, насочено кон Плоштадот Св. Марко биле потребни дополнителни 110 год. за конечно градбата да биде финализирана во 1450 год. Палатата денес е отворена за посетители, турата “Тајните итинерери на Дуждевата Палата” ќе Ве одведе низ нејзините скриени коридори, приватни соби за состаноци, соби за измачување, затворски ќелии и многу повеќе.

Каналот Гранде

Нема подобар начин да се искуси Венеција од возење со гондола долж Големиот Канал. Во градот каде што сообраќајот на моторни возила е забранет, гондолите, водените такси бродови и јавните вапорети, односно водените автобуси се основното превозно средство. Главниот воден премин се превиткува низ градот во форма на латинската буква S од центарот кај Плоштадот Св. Марко до Црквата Св. Кјара. Од двете страни на каналот се поставени романескни, готски и ренесансни структури. Каналот се преминува преку 4 мостови, меѓу кои најпознат е Мостот Риалто. Цените за возење со гондола се различни и може да варираат од 80 па се до 150€, така што не избрзувајте, со темпераментните гондолиери може слободно да се ценкате, за да добиете најдобра цена. Внатре собира до 6 патници така што може да се групирате неколкумина за го поделите трошокот.

Мостот на Воздишките

Венеција е испреплетена со бројни мостови кои се бездруго нејзино обележје. Еден од најпознатати е секако Понте деи Соспири. Изграден е во 1600та год. за да ги поврзе Стариот Затвор од Дуждевата Палата со Новиот Затвор. Го дизајнирал Антонио Контино внукот на славниот Антонио да Понте, креаторот на Мостот Риалто. Според преданието името на мостот не е ни малку романтично, односно истото се однесува на тажните воздишките на затворениците, кои одејќи кон затворот за последен пат низ прозорчето ја гледале убавата Венеција… Затворорот бил озлогласен и со страшни услови. Историјата бележи едно славно бегство од него, а дали знаете кој бил храбриот јунак?! Кој друг ако не снаодливиот љубовник Казанова 🙂

Сан Џорџо Маџоре

Најдобро познат како дом на истоимената црква од 16ти век, Сан Џорџо Маџоре е мало островче поставено спроти Плоштадот Св. Марко. Црквата е дизајнирана од славниот ренесансен архитект Андреа Паладио. Се карактеризира со мермерна фасада во блескава бела боја и отворена, ведра внатрешност. Главниот олтар е облагороден со 2 од најдобрите слики на славниот Тинторето. Посетителите може да се возат со лифт во неокласичната камбанарија, сè до врвот на црквата од каде може да уживаат во прекрасниот поглед врз Венеција.

Палатата Ка д’Оро

Лоцирана долж Канале Гранде првобитно била позната како Палата Санта Софија, а денес вообичаено само како Палата Ка д’Оро. Палатата е дизајнирана во 15от век од страна на архитектот Џовани Бон и неговиот син Бартоломео. И покрај тоа што фасадата на оваа прекрасна градба не ги содржи повеќе орнаментите по кои го добила своето име “куќа од злато” денешната розево бела фасада се смета за вистинско богатство, а внатрешноста содржи богата ризница на ренесансни слики, антиквитети, скулптури и керамики.

Црквата Санта Марија дела Салуте

Често спомнувана и само како Ла Салуте е црква изградена во 17век на местото каде Големиот Канал се пресретнува со Венецијанската Лагуна. Градбата е од бел камен и се карактеризира со масивна купола изградена во чест на Дева Марија, која го спасила градот од чумата која убила речиси една третина од населението. Во состав на олтарот e поставена скулптурата со посвета на Богородица на Здравјето, како и широка колекција дела на Тицијан, вклучувајќи ги таванските фрески со мотиви од Стариот Завет.

Палатата Ка’Рецонико

Од сите благороднички палати кои се поставени долж Големиот Канал, ниедна друга зграда не го илустрира подобро животот на Венеција во 18от век од Палатата Ка’Рецонико. Палатата во 2005 год е користена за снимање на филмот Казанова со Хит Леџер. Големата балска сала е домаќин на бројни забави и случувања во градот повеќе од 200 год. Денес, палатата е прогласена за музеј и е отворена за посетителите. Поголемиот дел од сликите кои се поставени во неа се репродукции, додека фабулозната таванска фреска од фамилијата Тјеполо е потполно автентична.

Доколку сè уште не сте ја доживеале магијата на Венеција, или можеби сте заборавиле да ѕирнете низ некое нејзино сокаче, погледнете ја нашата програма за 11ти Октомври со предвидена посета на Венеција тука.


11ти Октомври 

FIRST MINUTE Попуст

 – 135 €- 

 – 99 €- 

Повеќе