За убавицата на Тоскана има толку многу да се зборува и пишува. За неа не е доволна само една страница, малку е и еден ден, сè е малку кога станува збор за лулката на ренесансата, Фиренца. Ќе се обидеме барем на момент да доловиме само дел од нејзиниот шарм и убавина, а за повеќе секако ќе треба да ја посетите. Романтична, инспиративна и неодолива, таа е срцето на Тоскана и местото за насладување на душата со најдобрите уметнички дела и највкусната тосканска кујна. Поставена во северо-источниот дел на Тоскана, на бреговите на реката Арно, Фиренца е главниот и најнаселениот град во регионот Тоскана.

Уметност и архитектура

Сосема e извесно дека скоро и да не постои друг град на светот, каде што на едно така мало место е собрана толку голема извонредна уметност и архитектура, совршена во секој поглед. Урбаната структура на овој италијански град, скоро и да го нема сменето  својот лик од Ренесансата. Градот се карактеризира со тесни улички од калдрма,  елегантни палати од 15от и 16от век, средновековни цркви, цркви декорирани со некои од светски најдобрите фрески, базилики од мермер и уметнички музеи од светски калибар полни со слики и скулптури од Ботичели, Микеланџело, Леонардо итн. Не е ни чудно што целиот историски центар на градот е под заштита на светското културно наследство на УНЕСКО. И покрај тоа што Фиренца е изненадувачки малечка таква каква што е, таа е во суштина толку многу голема и рангирана е високо на листата на дестинации кои мора да се посетат барем еднаш во животот. Но, Фиренца не е само ковчег полн со ненадминлива уметност, таа има богата култура и историја, интересен народ, религија и храна, и сето тоа заедно го прави фирентинскиот живот завидливо сладок. Било да сте на попладневна прошетка долж Понте Векио, или разгалени со аперитив во некое локално кафуле на самрак,  без друго ќе го почувствувате мирисот на La Dolce Vita Toscana!

Фиренца е меѓународно ценета за нејзината висока концентрација на ренесансна уметност и архитектура. Бидејќи важела за значаен и богат средновековен трговски центар, градот го овозможил раѓањето на ренесансното движење. Таа низ годините ќе биде дом на бројни артисти, изумители, писатели, научници и истражувачи, тука е исто така родена и операта, во Фиренца е создадена и фирентиската валута, која одиграла доста значајна улога и ја подигнала Европа од Мрачната Доба на 14от век.

Наликувајќи на еден огромен отворен уметнички музеј сама по себе, градот привлекува милиони туристи во било кое време од годината. Прошетката со локален водич е најдобриот начин да ја запознаете Фиренца. Во продолжение ги издвојуваме главните места од интерес на градот:

Пјацале Микеланџело

Плоштадот е лоциран од спротива на реката Арно  и историскиот центар. Поставен на блага височинка од каде се отвара неверојатна панорама врз Фиренца. Иако многумина веруваат дека плоштадот е креација на славниот Микеланџело, овој простран плоштад е изграден малку подоцна од негово време, односно изграден е во 1860 год. од страна на Џузепе Поџи, локален архитект значаен исто така и по изградбата на неколку булевари во центарот на Фиренца. На плоштадот е поставена скулптура реплика од Давид на Микеланџело, оригиналот се наоѓа во Галерија дел Академија. Плоштадот секојдневно е посетен од стотици туристи дојдени тука да се фотографираат и да уживаат во прекрасниот поглед кон градот.

Палацо Пити

Оваа голема палата денес, е еден од најголемите музеи на Италија. Изградена е во 15от век од страна на еден богат фирентински банкар, Лука Пити, а по дизајн на Филипо Брунелески. Лоцирана е на потивкиот јужен брег на реката Арно, во продолжение од Понте Векио. Големата слава ја доживува кога ќе ја купи фамилијата Медичи. Славните мецени добар дел од својата богата колекција на артефакти, уметнички слики и предмети чувале токму тука. Палатата долго ќе биде резиденција на најразлични владетели и така сè до 1919год. кога преминува во државна сопственост и е претворена во музеј. Посетителите денес може да посетат дел од нејзините музеи поставени на различни спратови и хали, како на пример: Галеријата Палатина, Галеријата на Модерна Уметност, Галеријата на Костими (која наликува на античка модна галерија), Музејот за Сребро, Музејот за Порцелан, познатите Градини Боболи итн. Влезницата чини 8€ и вклучува посета на поедини нејзини делови.

Градините Боболи

Лоцирани веднаш позади Палацо Пити, Боболи градините се многу повеќе од една обична градина. Израдени од страна на фамилијата Медичи во 16от век, градините се дом на 100 години стари дрвја, скулптури, фонтани и убави, спокојни засолништа. Градините Боболи се исклучителен пример на т.н. зелена архитектура декорирана со скулпптури, прототип кој понатаму ќе биде инспирација за многу кралски градини, особено за Версај.  Низ годините на неколку наврати градините биле дотерувани, реставрирани и проширувани. Прошетката низ нив е вистинско освежување, особено за време на жешките летни денови во Фиренца. Ако некогаш патот Ве донесе тука, на крајот од Вашата прошетка, кај излезот близу Палацо Пити, не заборавајте да му мафнете за поздрав на дворското џуџе Морганте кое јава желка 🙂

Галерија дел Академија

Најпозната по светски познатите скулптури на ренесансниот уметник Микеланџело. Неговите Робови, неговиот Св. Матеј и секако извонредната статуа на Давид, се причината заради која секоја година тука доаѓаат илјадници туристи. Музејот меѓудругото содржи богата колекција на уметнички дела од 15от и 16от век, вклучувајќи дела од Сандро Ботичели и скулптури од Џамболоња. Музејот е поделен на неколку делови, комплетна влезница со сите составни делови чини 8€.

Базиликата Сан Лоренцо

Лоцирана централно во близина на главниот пазар, базиликата Сан Лоренцо е една од најстарите цркви во Фиренца и погребно место на повеќето членови од фамилијата Медичи. Црквата е дизајнирана од страна на Филипо Брунелески во 15от век и претставува ран пример на ренесансна црковна градба. Нејзината фасада никогаш не била завршена што денес и дава особена впечатливост. Внатрешноста е чиста ренесанса со нео класичен сјај. Целиот комплекс е поделен на неколку дела и тоа, дворот на манастирот со ризницата на Сан Лоренцо и визбата,  библиотеката Медичеа, главнотото тело на црквата и Капеле Медичее. Влезот во базиликата чини 6€, а комплетна влезница со сите нејзини составни делови чини 8,5€.

Палацо Векио

Една од најважните монументални градби на Фиренца е Палацо Векио или во превод Старата Палата. Се работи за голема палата поставена пред Пјаца дела Сињорија. Изградена е во 12от век, на местото каде што претходно постоел антички театар, остатоците од истиот може да се посетат во нејзиното подземје, влезница чини 4€ или во комбинација со сите составни делови на палатата изнесува 10€. Палатата долги години била резиденција на моќната фамилија Медичи. Таа била седиште на највисокото владино тело на Фиренца повеќе од 6 векови. Од 1872 е поделена на 2 дела: Музеј отворен за посетителите, а другиот дел е  седиште на Градското Собрание. Импресивната палата содржи огромна збирка на артефакти и уметнички дела, фрески, скулптури, насликани тавани, резби и таписерии со историски и библиски мотиви. Прошетката низ Палацо Векио ќе Ве врати назад низ времето, прво ќе Ве одведе во Римското време, потоа низ мрачниот Среден Век, па сè до преродбата на Ренесансата.  Вистинско уживање за сите љубители на музеи.

Пјаца дела Сињорија

Овој убав плоштад со векови важел за значаен историско-политички центар. Така е и денес, до толку повеќе што тој е опкружен со некои од најголемите атракциите на Фиренца и е природно централно место на градот. Тука се Палацо Векио, Галерија дељи Уфици, Палацо Угучони, Лоџа деи Ланци, а во непосредна близина е и познатиот Понте Векио. Градскиот плоштад е облагороден исто така со неколку истакнати скулптури како репликата на Давид на Микелаџело, Фонтаната на Нептун, Херкул и Как, Персеј со главата на Медуза итн.

Галеријата Уфици

Позната како еден од најдобрите светски музеи по уметност, Галеријата Уфици е лоцирана во продолжение на Пјаца дела Сињорија. Музејот е изграден во 1560год. по наредба на Козимо деи Медичи од страна на неговиот омилен архитект Џорџо Вазари со цел зградата да биде работни канцеларии. Ни малку не било планирано таа да биде музеј кој ќе има 10.000 посетители дневно, колку што има денес. Идејата галеријата да стане музеј ќе дојде подоцна во 1769 год. кога музејот ќе ги отвара вратите за јавноста. Фамилијата Медичи тука, ја собрале една од најголемите уметнички колекции почнувајќи од романски скулптури, манускрипти, монети, накит и секако, некои од најпознатите уметнички слики од големите италијански мајстори како Микеланџело, Ботичели, Леонардо да Винчи и Тицијан. Сериозните вљубеници на уметност, ќе мора да ја посетат барем два пати за посетат сè што таа има. Влезницата чини 8€.

Понте Векио

Протегајќи се врз реката Арно, Понте Векио односно Стариот Мост е еден од најстарите и најфотографираните мостови во Фиренца. Познат по своите 3 арки, мостот оригинално бил изграден од страна на Етрурците, а потоа одново изграден во  14от век. Долж мостот се поставени познатите дуќанчиња за накит. Бројни туристи го посетуваат секојдневно, било за шопинг или за фотографирање. Исклучително е убав приквечер кога се рефлектира во водите на реката Арно.

Санта Марија дел Фјоре

Доминирана на секоја разгледница и панорама на Фиренца, Санта Марија дел Фјоре или едноставно Ил Дуомо е главната катедрала на градот. Оваа импозантна готска структура започнува да се гради во 13от век врз темелите на една постара црква од 7от век, црквата Санта Репарата. Славната купола била изграденa подоцна во 15от век од страна на Филипо Брунелески. Куполата на Брунелески е најголемата ѕидана купола во светот и долги години не се знаело како тој успеал да го направи ова ремек дело. Нејзината готска фасада е направена од црвен, зелен и бел мермер, а внатрешноста е декорирана со прозорци од витраж, мозаици и бронзени статуи. Под комплексот на Дуомото спаѓа исто така и импресивната Крстилница заедно со Камбанаријата на Џото. Влезот во базиликата е бесплатен, додека со групната влезница од 15€ ќе може да ги посетите Куполата, Камбанаријата, Крстилницата, Криптата под базиликата и Музејот. Само внимавајте до врвот на куполата водат 463 скали, а нема лифт, но затоа пак ќе можете да се восхитувате одблизу на фреските од славниот Вазари и неверојатната панорама кога ќе стигнете до врвот 🙂

За тосканската кујна и вино има уште многу да се зборува, а пак модата во Фиренца е посебна приказна исто така, затоа следете не во некој нареден блог. Во меѓувреме Ве покануваме да го погледнете нашата програма за 11ти Октомври со предвидена факултативна посета на Фиренца тука.