На само 60тина минути возење од Солун, се стигнува до еден скриен рај, живописно мало селце, гратче, кое ќе Ви го освои срцето засекогаш. Градот Ханиоти е лоциран на источната страна на првиот крак од Халкидики, Касандра. Местото се карактеризира со прекрасна песочна плажа, густа борова шума, интимни заливи, пријатна медитеранска клима и исклучителни природни богатства. Покрај прекрасната обала, интересен за посета е и планинскиот, северен дел на Халкидики, оддалечен на само половина час возење од морето. Планината Холомодас, чиј највисок врв се наоѓа на 1200м н.в. претставува дом на околу 122 вида птици, кои заради својата природна убавина се заштитени со закон. Уште еден куриозитет е фактот што на целиот полуостров Халкидики нема ниту една река и од истата причина Егејското Море кое ги опркружува краците има исклучително чиста и бистра вода. Близината до градот Солун на околу 90км го прават гратчето дополнително привлечено за туристите. Имено, туристите кои летуваат на Халкидики, секако не пропуштаат да го посетат попатно вториот по големина град во Грција, Солун било на одење или враќање, дали заради прошетка низ Виа Игнација и значајните културно-историски обележја, или пак заради познатите светски брендови и бројните продавници, бутици каде може да се направи одличен шопинг. Од значење е да се напомене дека патиштата на Халкидики се меѓу најдобрите во северниот дел на Грција и со ваквата поврзаност Ханиоти е лесно достапно за туристите.

КАПАЦИТЕТИ

Ханиоти, како и целиот полуостров Касандра се впишува на туристичката мапа уште пред 50тина години, но оттогаш па наваму градот непрестајно вложува во својата инфраструктура, постојано ги зголемува, односно подобрува своите капацитети, со што заслужено се сместува меѓу најпопуларните летувалишта во Северна Грција. Забележливо е колку градот вложува во својот туристички потенцијал. Покрај природните убавини и историските знаменитости кои со години ги привлекуваат туристите, домашните жители постојано работат на тоа да ја подигнат свеста на уште повисоко ниво, односно мештаните вложуваат многу труд во зачувување на природниот еко систем, потикнувајќи еколошки градби, што е секако од особено значење за развој на туризмот. Скриениот рај на Ханиоти е спремен да ги задоволи потребите и на најпребирливиот турист и да понуди гарантирано релаксиран престој и одмор за паметење. Согласно истото, градот има на понуда хотели со најразлична категоризација, опремени по светски стандарди, од типот на Elinotel Apolamare 5*, Ostria Sea Side 4*, Tresor Sousouras 4*, Lesse 4* и слични, како и приватни вили кои нудат комплетно опремени студија и апартмани за самопослужување од типот на Вила Мариа. Деновите поминати во Ханиоти се еднакво возбудливи било да одлучите да ги поминете на некоја од прекрасните песочни плажи, било да одберете некој од водените спортови на понуда, можеби шетајќи се низ неговите кривулести улички или едноставно одмарајќи се под сенка во некој од убаво уредените зелени паркови.

ПРОДАВНИЦИ

Гратчето изобилува со голем број на помали и поголеми маркети, каде може да се снабдите со сите неопходни намирници доколку е потребно. Вечерните прошетки низ градот се обоени со бројни бутици за облека, златари, сувенирници, каде може да си купите локални сувенири од рачна изработка за спомен.

ГАСТРОНОМИЈА

Низ градот ќе најдете бројни традиционални грчки таверни кои нудат локални деликатеси по прифатливи цени. Повеќето од нив го објавуваат дневното мени испишано на табли каде се дефинирани цените, па оттука лесно може да го направите Вашиот избор. Што и да одберете дали грчка салата со узо, гиро или суфлаки, вкусна пилешка чорба или пак можеби морска риба, октопод или лигњи, верувајте дека сте го напрвавиле вистинскиот избор. Градот исто така има и голем број на модерни барови и диско клубови, каде помладите може да се забавуваат до доцна во ноќта, со што е спремен да ги задоволи вкусовите на најразлични старосни групи.

ЗА НАЈМАЛИТЕ

За Вашите најмили градот има широка понуда на содржини, големи паркови со лулашки, вртелешки и лизгалки, бројни игротеки со колички, автомати и коњчиња на парички. За не многу голем буџет, Вашите дечиња ќе се забавуваат одлично, меѓудругото тие се оние кои ќе се заљубат во оваа приказна најмногу.

ЛЕКАР

Никогаш да не Ви затреба, но добро е да знаете дека во градот има неколку локални лекари и амбуланти кои што се отворени 24/7 во сезона и може да Ви помогнат во случај на потреба. Не заборавајте за секое патување надвор од државата да извадите задолжително патничко и здравствено осигурување, кое го приложувате при посета на лекар. Без истото, еден обичен лекарски преглед во Ханиоти може да Ви биде наплатен и околу 60€.

ПЛАЖА

Плажата во Ханиоти е со должина од 5км се до блиското Пефкохори лоцирано јужно. Од година на година таа е наградувана со сино знаменце заради својот квалитет и чистота. Плажата е наместа тесна, наместа поширока. При самиот влез во водата може да наидете на ситни камчиња, затоа најдобро апостолките оставете ги близу до обалата. А штом ќе влезете во водата, веднаш се чувствува нејзината топлина и чистота како да сте во бања. Во Ханиоти има неколку тренди плажи уредени со бич барови каде се служат пијалоци и закуски. Molos Beach е најпознатата меѓу нив. Тука, потребно е да резервирате лежалка, бидејќи вообичаено интересот за оваа плажа е доста голем, и секако има и зошто, тука ќе бидете задоволни од добрата услуга и се што плажата има да понуди. Покрај обалата хотелите што се на плажа имаат свои бич барови и најчесто лежалките и чадорите се бесплатни доколку нарачате пијалок. И секако, плажата е доволно долга и има простор да си поставите свои лежалки и чадори како би уживале под сонцето како што Вам Ви е најзгодно 🙂