Доколку сте на размислување кое е најдоброто време за посета на островот Крф, препорачуваме да ја одберете пролетта, особено за време на велигденските празници, кога островот блеснува во сиот свој сјај.

Ќе бидете обземени од свежината на пролетните цвеќиња, ќе пронајдете спокојност во зеленилото, а музика ќе ја смири Вашата душа, доживувајќи нови, единствени чувства од религијата и грандиозната прослава на островот.

Се чини дека Крф е можеби единственото место на земјата, каде може да се искуси пролетта која навлегува длабоко во секое битие, преку блескаво празнување на Велигден, кое ги надминува сите очекувања.

Природната убавина, културата и традицијата, Истокот и Западот заедно формираат мозаик на култура, обичаи и јазик. Велигден на Крф е дефиниран во својата единственост преку обичаите и традицијата кои водат потекло назад во историјата на источната и западната култура, вклучувајќи ги и паганските обичаи од пред илјадници години. Прославата носи нова свежина кај животот на островјаните и посетителите, исполнувајќи ги со радост и ентузијазам.

Најпрепознатлива карактеристика на Велигден на Крф се концертите на класична музика и опера, црковната музика, типичната тетрафонија која води потекло од Крит и предизвикува силни религиозни емоции кај сите присутни.

Церемонијата се најавува со почеток на денот Цветници – недела пред Велигден

Цветници – недела

Во 11.00 часот наутро започнува поворката со изнесување на моштите на Св. Спиридон, проследена од 15 филхармониски бендови, со потекло уште од 1.630 год. Поворката не потсетува на чумата од тој период, која одземала голем број на жртви, жители на островот. Потоа следува ручек каде присутните може да уживаат во традиционално јадење на денот, сушена риба или бакалар со пире од компир и лук.

Понеделник

Целиот град мириса на fogatsa, пециво декорирано со црвени јајца и mandolato, десерт од мед и печени бадеми .

Вторник

Во попладневните часови во црквите се раскажува приказната за Марија Магдалена.

Среда

Во црквите се прикажува предавството на Јуда, кое било извршено на овој ден.

Велики Четврток

Градот ги прави последните подготовки за прославата на Велигден. Во црквите луѓето го доживуваат со огромна почит тажното Исусово распнување. Во стариот дел на градот филхармониските бендови ги прават последните проби.

Велики Петок  – Ден на Христовото страдање.

Во утринските часови поаѓа поворката во чест на Исус, по точно дефинирана програма произлезена од старите протоколи. Во попладневните часови поаѓа поворката од црквата Агиос Николаос. Во 16.00 часот поаѓа поворката од црквата Агиос Георгиос која започнува кај старата тврдина и се движи по централниот пат на градот. Како што минува времето, се повеќе и повеќе поворки се присутни, а некои дури и се пресретнуваат во различни точки на градот. Поворката е предводена од крст и херуфими, по нив хорот, пеејќи псалми во чест на Исус Христос, потоа големи икони, барјаци (рачно изработени од византискиот период) и венецијански фенери. Во поворките со епитаф учество заземаат ученици, извидници и млади девојки, кој држат во рацете букети со цвеќе. Доцна навечер започнува поворката на последниот, но и најзначајниот епитаф, катедралниот епитаф. Тој е создаден од страна на поморски војници и сите свештеници од градот заземаат учество во него. Трите филхармониски бендови ја следат поворката. Филхармонискиот бенд на Крф ја свири бавната и тивка Адаџо од Албиони, синиот Манцарос бенд ја свири Марша Фунебре или посмртен марш од Верди, додека црвениот Каподистриас бенд ја свири тажната Суентура од Маријани. Присуството на бројни хорови, илјадници странски и домашни посетители, му даваат посебна димензија на овој тажен настан.

Велика Сабота

Точно во 09:00 часот, започнува првата поворка наречена Воскресение. Под строга заштита се изнесуваат моштите на Св. Спиридон, кој е заштитник на островот уште од 1.550 год. кога Светецот го спасил островот од глад. Поворката е придружувана од најпознатите филхармониски бендови на островот и претставува незамисливо музичко уживање. Истовремено поаѓа поворката на епитафот од црквата Св. Спиридон, обичај кој датира од веницијанската ера. Филхармониските бендови ја свират Калде Лакриме од Микеле, Хамлет од Фачо и Марча Фунебре од Хероика на Бетовен.

Во 11:00 часот, ѕвоната симболично го најавуваат Христовото Воскресение и жителите на Крф традиционално фрлаат стомни полни со вода од прозорците и балконите, во знак на почнување на празникот и истерување на злото. Оваа бучна навика, носи потекло повторно од венецијанската ера, кога Венецијанците фрлале стари предмети низ прозорците на Нова Година, со цел да им донесе многу нови работи годината што доаѓа. Според друго толкување се верува дека ваквиот обичај има паганско потекло. Античките Грци верувале дека со кршење на предметите и правење на бука ќе ја разбудат божицата на пролетта, Персефона и на тој начин ќе го забрзаат нејзиното доаѓање.

Филхармониските бендови излегуваат повторно на улиците и свират радосна музика.

На полноќ илјадници луѓе се собираат на централните плоштади, за да го прослават Христовото Воскресение низ типични традиционални обичаи.

Велигден

Започнува со поворката на иконата на Христовото Воскресение во главниот град, истата е проследена со празничен оброк: jагниња на ражен, црвени јајца, црвено вино, многу музика, пеење и танцување.

Цела следна недела (Нова Недела) продолжува со поворки и прослави на секој остров. Секоја црква има поворка на иконата на Хрисотвото Воскресение, бајраци, херуфими и крст. Секој пат кога поворката застанува, луѓето користат мали канони, за истата да ја објават. Овие канони биле широко распространети во текот на венецијанската ера со цел да го известат локалното население за близината на непријателските бродови и пиратите. Во најпознатите цркви се отслужуваат величенствени литургии, и во нив несомнено може оригинално да се искуси атмосферата на најголемиот празник на Христијанството. Бројните цркви на островот ја прават атмосферата уште повеќе религиозна.

Наскоро понуда за Велигден на Крф…