Легенда за настанокот на Будва

Постои една интересна легенда за настанокот на овој град. Легендата раскажува како синот на феникискиот крал Агенор и кралицата Телефаса, Кадмо, го напуштил својот роден крај во потрага по својата сестра Европа, која била киднапирана од страна на Зевс. Во оваа потрага по сестра си тој минал низ многу грчки градови, но по наредба на Делфиското пророштво застанал во Беотија и тука ја основал славната Теба со која долго владеел. Боговите тука за жена му ја дале Хармонија, која била ќерка на Арес и Афродита. Кога биле во длабока старост, сопружниците биле протерани од Теба и на количка управувана од волови, се упатиле кон земјата на Енхелејците, каде го основале новиот град, Будва. Според преданието Будва го добила името по воловите кои ги донеле Кадмо и Хармонија во овие краишта. На Енхелејците им било проречено дека ќе издвојуваат победа против своите соседи, Илирите, доколку за војсководец го постават Кадмо. Така и било, предводени од Кадмо тие загосподариле со нивната земја. Хармонија тука му родила син на Кадмо. Пред нивната смрт заради убиството на змејот кој бил Аресов син, боговите ги казниле и ги претвориле во змии со карактеристични сини пеги. Нивниот гроб се смета дека се наоѓа некаде помеѓу Бока Которска и Драч.

Историја

Според старо античките историски извори, пишаните споменици и археолошкото материјално богатство, Будва претставува еден од најстарите урбани центри на Јадранот, стар повеќе од 2.500 години. Бројни споменици од Антиката и Средниот Век упатуваат на континуиран и активен живот на овој древен град. Илирите, односно илирското племе Енхелејци, се смета за најстарото автохтоно население на Будва. Во IV век пред новата ера, грчкиот трагичар Софокле, еден од првите писатели, ја споменува Будва како град на Илирите. Во истиот век таа е колонизирана од страна на Грците кога станува значаен трговски центар (емпорион), додека за време на II век пред новата ера, или конкретно 168та година, ја освојуваат Римјаните. Римскиот писател Плиниј Постариот ја споменува како утврден град со римски граѓани. Будва во тој период ги носи сите одлики на вистински римски град со монументални градби, поплочени улици и масивни ѕидини. Во рамките на Римското царство ќе остане се до неговиот распад во 395та година.

Плажа

Будванската ривиера се протега во должина од 35км покрај Јадранското Море. Поставена приближно централно на Црногорското приморје, таа е средиште на црногорскиот туризам. Ривиерата има 12,5км долга плажа. Главни туритички места се Будва, Петровац на Море и Свети Стефан. Во самата Будва постојат неколку плажи и сите се подеднакво преубави, било песочни, камени или шљункасти, а меѓу нив најпознати се Словенска плажа, Могрен, Трстено, Јаз, Плоче итн.

Будва денес

Будва денес е космополитски град со околу 18.000 постојани жители, но во сезона оваа бројка значително се зголемува. Градот има широка понуда на сместувачки капацитети од приватни апартмани до луксузни хотелски комплекси. Туристичката сезона започнува уште во пролетта кога бројни туристи го посетуваат градот за време на пролетните празници Велигден и 1ви Мај. Градот е привлечен за посета пред сè заради бројните културно историски знаменитости, интересниот и типичен менталитет на домаќините, богатата гастрономска понуда и бројните ресторани, таверни, пицерии, кафулиња и ноќни клубови.

Најубавиот дел на градот е секако нејзиниот стар историски дел, каде се оддржуваат најразлични културни манифестации. Овој дел на градот се карактеризира со интересна архитектура, тесни улички поплочени со камен, кои се пресретнуваат во шармантни малечки градски плоштади. Тука ќе најдете бројни бутици, традиционални работилници, сувенирници и продавнички. По долгите прошетки долж низ нејзините улички секако не пропуштајте да се одморите и да земете воздишка во некој од локалните ресторани кој се наоѓаат во рамките на стариот град. Тука уживањето ќе биде комплетно со дегустација на некој од свежо приготвените специјалитети и чаша убаво локално вино.


Интересен е фактот што Будва е позната уште како црногорскиот Кувајт. Имено, од 2000година па навака градот доживува вистинки бум со продажбата на недвижнини на странски купувачи, а најчесто Руси, Ирци и Британци, што доведува до појава на огромен број на милионери, во споредба со нејзината мала населеност. На моменти цена за метар квадратен во Будва има достигнато и до 3500€ што е цена слична како во Дубаи на пример. Будва го има и едно од најубавите пристаништа во Црна Гора, каде во високата летна сезона може да се видат некои од најлуксузните јахти.

Возбудливата и динамична Будва поседува неверојатен шарм, карактеристичен единствено за неа, и несомнено е меѓу најубавите градови за посета во Црна Гора. Задолжително четиво за секој гладен турист во потрага по убавини и создавање нови спомени. Доколку сте заинтересирани да отпатуваате некаде оваа пролет, погледнете го нашиот Велигденски аранжман кој вклучува посета на Будва тука.