Не е случаен фактот кој упатува на тоа дека Дубровник е една од најпосетените туристички дестинации на Медитеранот. Последните години на мирен живот и стабилна економија создадоа одлична подлога за постојан раст и прогрес, а пак сликовитиот Стар Град на Дубровник е неверојатен магнет за туристите ширум светот. Додека лузните од бомбардирањето може сè уште да се најдат на некои места во градот, како на пример кај Ректорска Палата, градот се има претворено себе си во сјаен и исполиран бисер, станувајќи конкуренција на веќе етаблираните приморски дестинации како Венеција и Барселона.

Топ 10 места од интерес во Дубровник

Стари Град

Срцето на Дубровник е бездруго неговиот Стар Град. Чудесна композиција од варовнични градби со покриви од црвени ќерамиди, беспрекорни подови и улички од чист камен и многу повеќе скапоцености, заради кои денес градот е под заштита на светското културно наследство на УНЕСКО. Впечатокот се чини е толку совршен, што е речиси невозможно да се најде некаква гребнатина или напукнатинка, или ако сепак најдете такво нешто, тие се само дополнување на севкупниот карактер на Дубровник. Улиците се во главно одземени од скоро секаков вид на моторен сообраќај (добавувачите се единствено исклучени од ова правило) и се погодни за релаксирани прошетки. Главната улица Страдун или Плаца, е секако најфрекфентната во градот, меѓутоа ако не се плашите од скали, тогаш најдобро би било да го истражите градот од врвот кон неговата основа. Тука, посебен акцент и задолжителна посета ставаме на главните знаменитости: Онофриевата чешма, Орландовиот Столб, Градскиот ѕвонарник, црквата Св.Влах, Дубровачката катедрала итн. Совет плус: ако го посетувате градот на дождлив ден, обезбедете си добри чевли за пешачење, затоа што камењата се фино исполирани од бројните генерации минувачи и може да бидат незгодно лизгави.

Кнежевскиот двор

Кнежевскиот двор е најзначајната административна зграда од средновековен Дубровник. Прекрасна готска композиција со примеси на Барок и Ренесанса искомбинирани во хармонија. Палатата е местото каде што некогаш престојувал кнезот за време на неговиот едномесечен мандат и местото каде што се одвивале средбите на Советот. Во склоп на палатата се наоѓаат сали за состаноци на Големиот и Малиот Совет, потоа државната канцеларија, судница, затвор, оружарница и барутана. На влезот стои латинскиот натпис “Obliti privatorum publica curate” – “Заборавете на приватното и грижете се за јавното”. Најпозната е нејзината надворешност, односно предворјето со високи столбови декорирани со убави резби, кои даваат пријатна ладовинка во топлите летни денови. Внатрешноста има многу добра акустика заради која што се одржуваат бројни музички концерти за време на летната сезона. Денес, палатата е културно – историски музеј, отворен за посета.

Градските ѕидини

Дубровник некогаш бил седиште на богати и независни трговски републики со бројни колонии по Медитеранот. Всушност, тој бил најголемиот ривал на Венеција за време на економската војна која се водела за превласт на Медитеранот. Град толку богат и моќен секако предизвикувал завист и ловци на богатство, токму импресивните ѕидини кои и ден денес стојат неоштетени се изградени со одбрамбена улога со цел граѓаните да ги заштитат своите вредности и имоти. Градските ѕидини на Дубровник го обиколуваат целиот град, а прошетката низ неговите врвови дефинитивно треба да е составен дел од сечие дубровачко искуство. Прошетката покрај градските ѕидини дозволува да го видите и почувствувате интимниот дел на градот, како градот дише и каков е секојдневниот живот на мештаните. Тука, ќе може да ѕирнете низ отворените прозори, приватните дворови и да фрлите поглед преку крововите на куќите. Панорамата кон брегот и Медитеранот се исклучителни, исто како и погледот кон Страдун, главната улица. Целиот град ќе се отвори пред Вас како школка, покриви на цркви и тврдини, порти и гребени, старото пристаниште видено одозгора и многу повеќе, навистина вредно за итражување. Прошетката низ градските ѕидини е скоро 2км долга и вклучува 3 тврдини, 16 кули, 6 бастиони, 2 аголни утврдувања и 2 цитадели.

Мега хитот Game of Thrones места на снимање

Дубровник е главната филмска локација во Хрватска на “Kings Landing” односно измислениот град од мега хит серијата “Game of Thrones” која се базира на фантастични приказни во продукција на HBO. За оние кои ја гледале серијата и се заљубени во неа, посетата на Дубровник ќе биде вистинско дежа ву заради начинот на кој градот е толку добро интегриран во рамките на приказната. Со основа како онаа на Стариот Град на Дубровник, не се потребни никакви дополнителни мерки и дотерувања на сцената или било какви специјални ефекти за да се постигне ефектот да отпатуваме во некое друго време и место. Сцените од филмот вклучуваат кадри од надворешните ѕидини и тврдините на градот, и тесните улички во Стариот Град. Филмските локации лесно може да се најдат, ако сепак сакате повеќе информации и насоки, може да си резервирате организирани тури со водич.

Островот Локрум

На 10 минути возење со брод од стариот дубровнички залив е сместен островот Локрум, кој се простира на површина од само 0,7км2. Станува збор за магично мало место кое секој би сакал да го посети. Овој мал зелен остров порано бил засолниште за бенедиктинските монаси кои тука основале манастрир во XI век. Островот е посебен резервоар за шумска вегетација под заштита на УНЕСКО кој крие преубава природа. Тука, можете да уживате во ботаничката градина со интересна збирка на еукалиптуси и кактуси, прекрасни градини и да се освежите во ладовината на шумите од црн јасен, божур и алепски бор. На јужната страна од островот е сместено т.н. Мртво море, односно езерце со морска солена вода која се пробилa на копното. Поради плитката вода, ова место е особено погодно за капење на мали деца и луѓе кои не знаат добро да пливаат. На островот е забрането фрлање на отпадоци, загрозување на природните и културните добра, носење на кучиња или палење оган, не е дозволено пушење и преспивање.

Црквата Св. Игнациј

За комплетено доживување не пропуштајте да посетите барем неколку цркви и катедрали. Меѓу нив особено интересна за посета е црквата Св. Игнациј. Преубава градба која што се смета за еден од најрепрезентативните барокни примероци не само во Дубровник, туку и во цела Хрватска воопшто. Проектот е на архитектот Андреа Поцо, а градбата е завршена во 1725 год. Внатрешноста се карактеризира со илузионистички барокни фрески со сцени од животот на Св. Игнациј и пештерата поставена на задната страна во 1885 год. Влезот е бесплатен, а во знак на почит потребно е рамената и колената да бидат покриени при посета.

Жичара до брдото Срџ

Брдото Срџ кое е лоцирано над градот е одлична можност доколку сакате да го видите градот од поинаква перспектива. Може да се возите со жичарата која го поврзува Дубровник со највисоката точка на Срџ на 413м н.в. и ќе бидете наградени со неверојатната панорама на градот, крајбрежјето и островите. На врвот може да ја погледнете и тврдината Империјал изградена за време на Наполеонската окупација, денес музеј.

Кафе Бужа

Eдно од најспектакуларните места за воздишка и пијалок во Дубровник, е атрактивното Кафе Бужа кое е лоцирано на гребенот од каде се отвара прекрасна панорама на Адриатикот. Поставено како дупка во градските ѕидини, на што и самото име е референца, имено зборот “бужа” на старо дубровачки дијалект значи дупка. Ова атрактивно мало кафуле ги отвара вратите за своите гости во пролетните и летните месеци, за исклучително уживање во погледот кон Локрум и убавите зајдисонца.

 Тврдината Ловриенац

Тврдината Ловриенац е позната уште и како Гибралтар на Дубровник. Лоцирана на само 37м н.в. низ историјата, тврдината е позната како еден од најголемите симболи против Венецијанската република. Во времето кога градот бил под власт на Венеција, тие требале да изградат кула на местото каде денеска се простира тврдината. Се смета дека доколку успеале во таа намера, тие градот бил го имале под целосна контрола, но сепак граѓаните на Дубровник побргу реагирале од нив. Тврдината била изградена во рок од само три месеци, а по изградбата Венецијаните биле принудени заедно со своите бродови да се повлечат назад кон своите земји. До тврдината водат скали кои и не се така лесни за качување, но измеѓу се поставени клупи за одмор, а секако погледот кој се отвара одозгора е вреден за маката. Мотото на Дубровник е испишано на влезот на тврдината “Non bene pro toto libertas venditur auro” (Слободата не ја продаваме и за целото злато на светот).

Францисканскиот манастир

Друго место од интерес ако сте во Дубровник е секако Францисканскиот манастир поставен во близина на Портата “Пиле” на западниот влез кон Стари Град. Манастирот има убави столбови и освежувачка зелена градина во центарот. Најзначаен е по неговата внатрешност каде се наоѓа третата најстара аптека во светот, која води потекло уште од 1317 год. Во аптеката може да се купат покрај лекови исто така и рачно направени креми и козметика како убав сувенир за дома.

Доколку сте заинтересирани да го посетите бисерот на Хрватска, може да ја погледнете нашата велигденска програма со предвидена посета на Дубровник тука.